ГИС во АПП

Што претставува?

ГИС е технологија за претставување, интегрирање и анализа на просторните податоци и нивните својства. Агенцијата за планирање на просторот континуирано развива технолошки современ Просторен Информативен Систем - ПИС, кој е составен дел од методологијата за изработка на просторните и урбанистичките планови. Овој систем е оригинален по својата структура бидејќи ги интегрира ГИС и CAD софтверските алатки преку WEB сервиси и апликации, достапни за преглед и пребарување со стандардни интернет пребарувачи. Евидентирањето на промените во просторот е континуирано, ажурно и веднаш достапно. Податоците и сервисите од гео-порталот се во согласност со стандардите и платформата на Националната инфраструктура на просторни податоци – НИПП на Република Македонија.

Sky

За кого е наменет?

Порталот е наменет за повеќе типови на корисници кои имаат различни улоги при прегледот и користењето на апликациите. Дополнителен административен модул овозможува регистрација и управување со привилегиите на корисниците на порталот. Основната цел е ефикасно споделување, преглед и интегрирање на дигитални просторни податоци помеѓу владините институции, министерства, агенции и др. без да се нарушува нивниот интигритет, а истовремено на располагање да биде последната ажурирана верзија на истите. За да се овозможи меѓуинституционална интероперабилност податоците се изготвени во националниот координатен систем EPSG: 6316.



Што содржи?

Порталот ги содржи следните апликации:

  1. Просторен план на Република Македонија
    • Апликацијата го опфаќа Просторниот план на Република Македонија и сите усвоени просторни планови со кои тој се разработува и ги содржи соодветните тематските збирки. Оваа апликација претставува неопходна податочна подлога во процесот на донесување одлуки, изработка на проекти и други стратешки документи од национално и регионално значење.
  2. Услови за планирање
    • Апликацијата ги содржи планските опфати на Условите за планирање на просторот и ажурирани тематски слоеви од Просторниот план на Република Македонија. Оваа апликација е неопходна податочна подлога во процесот на изготвување на елаборат за услови за планирање на просторот кој содржи општи и посебни одредби, насоки и решенија од планската документација од повисоко ниво.
  3. Урбанистички планови
    • Апликацијата е ефикасен прегледник на урбанистичките планови и урбанистичката планска документацијаизготвени во Агенцијата. Ги содржи планските опфати со нив поврзаните информации.